20 dic 2017, 1:56

Мачкини времиња 

  Poesía » Canción de autor
1113 2 6

МАЧКИНИ ВРЕМИЊА

 

 

 

Растевме од нафора.

Детството ни беше винова лоза

во која зрееше младото вино на нашето небо.

 

Растевме во едно време

со кое наутро можевме да си купиме вруќ симид од наут,

или ноќе да одиме во летното кино обраснато во бршлен.

 

Ги гледавме филмовите на Торнаторе

и бевме деца со децата од филмот.

 

Не знаевме што е фашизам,

за комунизмот мислевме дека е вечен,

а обожававме да играме мафијаши.

 

Најомилена сцена ни беше

да му ја полниме устата на дебелиот Оли

со комати бел социјалистички леб,

а тој не се бунеше, зашто постојано беше гладен.

 

На летното провинциско филмско платно,

Америка за нас беше Мерелин Монро

што се издигнува во статуа на слободата.

 

Под ветрот на фустанчето, таа ни ги откриваше колонизацијата,

Лудиот коњ, Бикот што седи, се глуми себеси и пцуе

во циркусот што и‘ се извишува до гаќичките во кои нема место

за децата на чејените подигнати од мајките

за да бидат убиени како мали мети во воздухот,

 

Немаше место  ни за граѓанската војна, прохибицијата,

гангстерите со машинки, а само за мустачињата на Чаплин

и двата прста со кои си ги затнува ушите

за да не се разбуди лавот,

за каменото лице на Бастер Китон

и куќата што ја врти бурата,

а тој никако да ја погоди вратата,

и само за марсовците на Орсон Велс

со кои изврши радио инвазија

со истиот страв од студената војна.

 

Нема место во гаќичките на Монро ни за Бумбаровиот лет

на хеликоптерите во апокалипсата од напалм,

ни за подземните хангари со интерконтинентални ракети,

а само за џедаите од ѕвездените војни

што со мислите

го држат факелот на слободата среде мракот на универзумот.

 

Пораснавме од нафора, станавме и демократи,

и девет мачкини животи потрошивме за да преживееме,

но никој не сака да се сеќава на смртта помеѓу нив.

 

Ми остана само сеќавањето, кога дедо ми Карло емигрантот

се врати од Америка со црна лимузина

и со една русокоса девојка

за која ни велеше дека е Мерелин Монро,

а ние дечишта

беспоговорно му веруваме,

бидејќи ја препознавме по гаќичките,

кога намерно се сопкавме и паѓавме под фустанчето нејно.

 

Борче Панов

© Bor Borhes Todos los derechos reservados

Comentarios
Por favor, acceda con su perfil, para poder hacer comentarios y votar.
Propuestas
: ??:??