ГЛАГОЛСКО НЕВРЕМЕ
сторен глаголско невреме, ѓаволот глаголи,
го топи ледникот на придавките од именките
и го брише лицето на времето од смислата
а се` почна близу трпезата на едни рајски луѓе,
кога беше пуштен од апстрактната алка на адот
за да го направи првото свое злодело во јазикот
и така, соковите што ги пиеја безгрижните луѓе
реши да ги испече со огнот на своите глаголи -
направи огнот да стане пареа, а пареата кончица
сите дојдоа до дулецот од казанот и го прашаа
Што правиш убавецу, а тој им рече - рајводица
за да бидете весело весели и среќно среќни
и зедоа рајските луѓе, ах убавите, да пијат
и толку им беше убаво – убаво до сневидување
а сите овошки во песните им цветаа и раѓаа
го гледаа сево ова неговите жаровити татковци
и не веруваа каква добрина чини будалиот им син,
та почнаа да го судат изродот гиздав, се`додека,
ах, се`додека не се зголи и жарна првиот лош збор
и првиот нож не се зари во срцето на именката,
та од Каин и Авел, се` така, се` така се пепелиме.
Борче Панов
© Bor Borhes All rights reserved.